„Окупационите сили оставија пет предвремено родени бебиња во болница во Газа, пронајдени мртви“

Пет предвремено родени бебиња се пронајдени мртви во болница во градот Газа, кој беше епицентар на борбите пред да стапи на сила примирјето меѓу Израел и Хамас, соопшти денеска портпаролот на Министерството за здравство во Газа.

До крајот на борбите, кога стапи на сила примирјето во петокот, болниците во најголемиот град во палестинската енклава беа цел на израелски напади. Според лекарите, неколку болници биле евакуирани, а на неколку од нив им наредила израелската армија.

„Окупаторските сили оставија пет предвремено родени бебиња во одделот за интензивна нега во болницата Ал-Наср, една од главните педијатриски болници во Газа “, рече д-р Ашраф ал-Кидрех.

Војниците им забраниле на лекарите и членовите на семејствата на предвремено родените бебиња да се приближат, а кога лекарите успеале да влезат во вторникот вечерта, ги нашле нивните делумно распаднати тела.

Израелската армија не сакаше веднаш да коментира, наведува АФП.

Во средината на ноември цел свет ја следеше судбината на 39 предвремено родени бебиња во друга болница во Газа, болницата Ал-Шифа, која беше опколена и нападната од израелската армија.

Осум од тие бебиња починале поради недостиг на електрична енергија потребна за инкубаторите. Дваесет и осум од нив беа евакуирани во Египет каде што беа префрлени во болница, многумина без семејствата, некои се сираци, додека на родителите на другите не им беше дозволен влез во Египет, според ОН.

Три бебиња кои беа премногу слаби за да бидат префрлени се хоспитализирани во установа во јужниот дел на Појасот Газа.