Османи-Лајчак: Да се спроведат Договорот од Брисел и Охридскиот анекс

Косовската претседателка Вјоса Османи денеска се сретна со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој е во посета на Косово.

По средбата немаше изјави за медиумите, а од косовското претседателство соопштија дека на средбата се разговарало за последните случувања во процесот на дијалогот со Србија.

Османи ја повторила посветеноста на Косово за дијалог, како конструктивна страна во тој процес. Таа нагласи дека Бриселскиот договор од 27 февруари 2023 година и Охридскиот анекс од 18 март 2023 година мора целосно да се имплементираат.

Таа ја повтори потребата од отстранување на мерките на ЕУ против Косово, кои се неправедни и создаваат недостиг на рамнотежа во дијалогот.

Во таа насока, Османи повтори дека Косово понуди да организира нови избори во општините на северот на земјата во согласност со законската рамка на Косово, со усвојување на Административната инструкција. Таа ги изрази своите очекувања дека ова право на граѓаните ќе се оствари без одлагање и во согласност со процедурите и законите кои се во сила.

На средбата беа поздравени најновите достигнувања во спроведувањето на договорот за енергетика и регистарски таблички, како чекори кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Што се однесува до нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, Османи повтори дека единствената институција која конечно може да ја толкува усогласеноста на тој документ со Уставот е Уставниот суд на Косово.

Таа, исто така, изрази загриженост во врска со некои одредби од овој нацрт, кои може да бидат предизвик при спроведувањето во пракса.

Специјалниот претставник на ЕУ за Мирослав Лајчак ќе се сретне и со премиерот Албин Курти и првиот вицепремиер за дијалог Бесник Бислими.

Лајчак во Приштина допатува од Белград, каде во понеделникот се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ.