Османи: На Македонците во Албанија никој не може да им прави притисок за тоа како ќе се изјаснат на пописот
На Македонците во Албанија никој не може да им прави притисок ниту да влијае како ќе се изјаснат на пописот, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.
-Во однос на пописот во Република Албанија, како што знаете, јас имав во неколку наврати јавни настапи. Прво, МНР со соопштение ги повика сите Македонци да се попишуваат така како што се чувствуваат затоа што никој не може да им прави притисок, ниту може да влијае како тие ќе се попишат и во однос на тоа како се чувствуваат. Се разбира дека имавме комуникации и со албанските власти, нашата Амбасада е активна во тој дел, не само со општините, не само со македонското национално малцинство, туку и со Владата и се надевам дека секој граѓанин го искористил своето право и се попишал така како што се чувствува, рече Османи на новинарско прашање во врска со реакциите на македонската заедница во Албанија дека се соочиле со одредени притисоци од Бугарија во однос на тоа како ќе се попишат на Пописот.
Лидерот на партијата на Македонците во Албанија – МАЕИ, Васил Стерјовски во изјава викендов на Семакедонската средба во Штип, рече дека македонското население за време на пописот се соочиле со големи притисоци од Бугарија и дека тоа го дозволила Албанија.
Тој кажа дека сите регистрирани неправилности и обиди за влијанија за време на пописот ги имаат доставено до Владата на Албанија и до сите странски амбасади во земјата, но, според него, до тој момент властите во Тирана немаат преземено никакви мерки на укажувањето дека Бугарија преку Пописот во деловите каде живеат Македонци во Албанија директно се има замешано во внатрешните работи и во самиот процес на попишување.
Притисок, вели, се правел на населението кое има аплицирано за бугарски пасоши, со цел да работи во земјите од ЕУ. Побарале и да се продолжи Пописот на населението во Мала Преспа, односно во деловите каде што живее македонско население, но, вели Стерјовски, од Владата на Албанија, иако ветила дека ќе се продолжи рокот на попишување во Мала Преспа, се уште немаат добиено ништо официјално.