Османи од Узбекистан ја започнува посетата на Централна Азија како претседавач со ОБСЕ

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи од утре ја започнува посетата на Централна Азија. Во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, дел од агендата на претседавачот е посета на Узбекистан и Казахстан, соопшти МНР.

Според најавата, посетата на Централна Азија Османи ќе ја започне од Ташкент, Узбекистан, каде ќе се сретне со шефот на државата. Предвидена е средба со претседателот Шавкат Мирзијоев. Во меѓувреме, покрај средбата со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтиор Саидов ќе присуствува и на заедничка прес-конференција. Османи во Ташкент ќе се сретне и со претставници на Канцеларијата на Проектниот координатор на ОБСЕ во Узбекистан.

„Според програмата, во Ташкент Османи ќе има средба со Танзила Нарбаева, која го предводи Сенатот на Узбекистан, како и со претставници на граѓанското општество.

Од Узбекистан, Османи ќе отпатува за Казахстан, каде што ќе има средби и со државни претставници, а ќе ја посети и Програмската канцеларија на ОБСЕ во Астана за одблиску да ги види активностите и проектите што ОБСЕ ги реализира во Казахстан.

Османи ќе се сретне со претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, а со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу ќе одржат заедничка прес-конференција. Османи во Астана ќе се сретне и со претставници на граѓански организации“, соопштија од МНР.

Од таму додаваат дека централноазискиот регион претставува еден од приоритетите во работата на ОБСЕ, кој се соочува со постојани предизвици, веќе засилени со влијанието на воената агресија на Руската Федерација врз Украина, како и ситуацијата во Авганистан.