Османи: “Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ значаен влог во регионалната и европската безбедност“
„Ова е историски момент за целата Алијанса, што не прави уште посилни и побезбедни, како и значаен чекор за трансатлантското единство. Членството на Финска претставува добра порака за сите земји аспиранти кои ги делат истите вредности. Очекуваме и Шведска да ни се придружи во трансатлантското семејство пред НАТО Самитот во Вилнус“, изјави првиот човек на дипломатијата Бујар Османи и актуелен претседавач на ОБСЕ, кој учествуваше на дводневниот Министерски состанок на НАТО, кој се одржува денеска и вчера во Брисел.
Состанокот се одржа во светло на присоединувањето на Финска во НАТО, со што беше демонстрирано силно единство на сите сојузници и цврста поддршка на политиката на отворени врати на НАТО.
Министерството за надворешни работи соопшти дека Османи ја нагласил потребата од зајакнат ангажман на НАТО и ЕУ во земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ претставуваат значајни политики за зачувување на целокупната регионална и европска стабилност.
Во разговорите, министрите за надворешни работи се осврнале на политичките и безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата, како и на подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Вилнус.
„И во оваа прилика беше истакната силната обединетост на сите земји сојузници во осудата за руската воена агресија, како и одлучноста за зајакнување на политичката и практичната поддршка за Украина. Конкретно беа разгледани можностите за зголемување на финансиската поддршка за Украина преку Сеопфатниот Пакет за Поддршка, како и потребите на Украина за пост-конфликтно оправување и реконструкција“, се наведува во соопштението.
Првиот човек на дипломатијата на Северна Македонија претходно на маргините на состанокот разговараше со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле.
Во фокусот на разговорите, како што соопшти МНР, била соработката и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, регионалните актуелности, поддршката за постигнатиот договор меѓу Косово и Србија, како и политичките состојби во земјава.
Шоле и Блинкен изразиле силна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, што е споделен стратешки интерес на земјава и САД и влог во целокупната регионална стабилност.