Османи пред шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и Скопје го претстави планот за деескалација на состојбата на северот на Косово
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Скопје оствари средба со шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и во Скопје, амбасадорите Јан Брату, Мајкл Девенпорт и Килиан Вал, во чиј фокус, како што информираат од МНР била состојбата на северот на Косово и односите помеѓу Белград и Приштина.
Османи пред амбасадорите на ОБСЕ го презентираше планот од 9 точки кој треба да помогне за деескалација на состојбата и да придонесе за постигнување траен мир и стабилност, како и за враќање на косовските Срби во институциите и во демократските процеси.
-Охрабрувачки е да се слушнат нивните мислења за потенцијалните перспективи на планот за деескалација на ситуацијата што како Претседавач со ОБСЕ го претставив. Понудениот патоказ поттикнува атмосфера на дијалог и соработка, рече Османи на средбата, се вели во соопштението од МНР.
Покрај тоа, Османи пред шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и Скопје ги претстави и приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ фокусирани на Југоисточна Европа. Овие приоритети се насочени кон зајакнување на довербата, борбата против корупцијата и климатска акција.
-Од особено значење е помирувањето како клучен приоритет чекор напред кон постигнување траен мир и соработка во регионот, рече Османи.
Во насока на приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, Османи и амбасадорите разговарале и за претстојната Конференција за антикорупција во Југоисточна Европа што ќе се одржува во земјава.