Османи телефонски разговараше со Бајрамов и Мирзојан

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, непосредно при пристигнувањето во Астана, Казахстан, кој е дел од неговата централноазиска турнеја, поради сензитивноста што се случува со коридорот Лачин и потребата за итно реагирање, оствари два одделни телефонски разговорa со министрите за надворешни работи на Азербејџан и Ерменија, Џејхун Бајрамов и Арарат Мирзојан.

Според соопштението на МНР на Северна Македонија, Османи ја изразил својата загриженост за состојбата околу коридорот Лачин и влијанието врз цивилното население, особено ранливите групи, вклучително жените и децата.

Наедно, Османи истакна дека внимателно ја следи ситуацијата со коридорот Лачин и го повтори својот повик за конструктивен и продуктивен дијалог како авенија за одржливи решенија, за доброто на локалното население.

Тој нагласи дека треба да преовладуваат хуманитарните аспекти и непосредните потреби на луѓето. Наедно ја потенцира потребата за користење на ОБСЕ-механизмите и соодветните мерки како дел од решенијата за нормализирање на односите и градење доверба меѓу Ерменија и Азербејџан.

Претседавачот со ОБСЕ ја потврди својата подготвеност да продолжи со личниот активен ангажман со страните и во таа насока повтори дека Северна Македонија е подготвена да понуди платформа за дијалог, додавајќи ги напорите и можните решенија за одржлив мир.