Основен суд Тетово потврди дека има решение со кое се именува Зијадин Села за претседател на Алијанса за Албанците

 Основниот суд Тетово официјално извести дека е прифатено барањето за промена во политичката партија Алијанса за Албанците, по што е изготвено решение со кое во иднина за претседател се именува Зијадин Села. Вчера, ова го најавија од крилото на Зијадин Села.

-Основен суд Тетово Ве известува дека донесено е Решение под РПП.бр.1/24 од 01.04.2024 година, со кое Барањето за запишување на промена на претседател на политичка партиіа Алијанса за Албанците со седиште во Тетово и Барањето за промена на статусот на партијата се уважува, во судскиот регистар на Политички Партии под РПП.бр.1/24 што се води пред Основен суд Тетово, се запишува промена на претседателот, во иднина за претседател на партијата се именува Зијадин Села од с.Ливада-Струга, наместо досегашниот претседател на партијата Арбен Таравари од Гостивар, се наведува во одговорот од Основен суд Тетово по барањето на МИА.

Од крилото на Арбен Таравари денеска на прес-конференција образложија дека тројца судии се смениле пред донесување на оваа одлука.

Правниот застапник Абидин Абдули посочи дека одлуката на Судот не е конечна и дека во зададениот рок, кој изнесува 15 денови, ќе се поднесе жалба на изречената пресуда до Апелациониот суд во Гостивар, како и дека ќе ги разгледаат и сите можности за кривична и процедурална одговорност на претседателот на Судот и на судечкиот судија.