Палестинската Црвена полумесечина ги прекина на 48 часа сите операции во Газа

Палестинската Црвена полумесечина ги суспендираше „координираните медицински мисии“ во Газа на 48 часа, бидејќи не може да ја обезбеди безбедноста на своите тимови, како и на повредените и болните, напиша здружението во вчерашното соопштение. 

Суспензијата на активностите значи дека тимовите повеќе нема да работат во областите каде што е присутна израелската армија, изјавија од здружението за Си-Ен-Ен.

Здружението го обвини Израел дека не ги почитува процедурите и механизмите за координација договорени со Обединетите нации.

И покрај претходна координација со израелската армија, палестинската Црвена полумесечина соопшти дека војниците постојано го малтретирале нивниот персонал и пациенти. Тие завчера предупредија за случај кога израелските сили задржале конвој што ги евакуирал итните пациенти од болницата Хан Јунис во Рафа. Тие, наводно, го задржале конвојот повеќе од седум часа.

Црвената полумесечина напиша дека тоа се случило и покрај фактот што окупаторските сили знаеле по кој пат ќе оди конвојот, како и идентитетот на персоналот кој ќе биде со пациентите.

Оттаму наведуваат дека им треба трета страна за да ги координира безбедносните дозволи за да влезат во областа каде што се наоѓа ИДФ. Вообичаено тоа го прават со Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Светската здравствена организација или Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.