Палестинците со голи раце ги пребаруваат урнатините, а единствената светлина ја обезбедуваат мобилните телефони (ВИДЕО)

„Не ни посакувајте добро утро, само посакајте да живееме до утро“

Кога започна блокадата на Појасот Газа , енклавата остана без залихи на храна, вода, струја и гориво. Иако Газа е во целосен мрак, израелските воздушни напади продолжуваат, а палестинските новинари и другите локални жители користат мобилни телефони и батериски светилки за да бараат луѓе заробени во урнатините.

Амбулантите ги превезуваат повредените во болници, а починатите во мртовечници. Мажите се качуваат по остатоците од куќите и копаат со голи раце за да стигнат до оние кои се затрупани под бетонски блокови и конструкции.

– Луѓето велат дека куќата им паднала на станарите. Беше бомбардиран среде ноќ – се слушна глас на едно видео.

Фоторепортерот Мотаз Азаиза со недели го документира уништувањето во Газа, а на Инстаграм објавува слики од жртви кои се извлекуваат од урнати куќи. Според него, бомбите не престанале да паѓаат цела ноќ.

– Не ни посакувајте добро утро, само посакајте да живееме до утро – рече тој.

Да потсетиме, палестинскиот Хамас го нападна југот на Израел на 7 октомври и во таа прилика уби околу 1.400 луѓе и однесе повеќе од 200 заложници во Газа. 

Како одговор, Израел започна тешки воздушни напади во кои загинаа повеќе од 8.000 луѓе, меѓу кои најмалку 3.300 деца, според Министерството за здравство на Газа.