Папата Франциск повика на молитва и солидарност со жртвите од земјотресот

Поглаварот на Римокатоличката црква и Ватикан, папата Франциск, им оддаде почит на жртвите од разорните земјотреси во Туркије и Сирија и ги повика верниците и меѓународната заедница да размислат што можат да направат за жртвите на катастрофата.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија во понеделник јужните делови на Туркије со епицентар во Кахраманмараш, а бројни спасувачки тимови се уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.

Папата Франциск денеска ја предводеше неделната молитва на познатиот ватикански плоштад Свети Петар, а во својот говор се осврна на ситуацијата во Туркије и на северот на Сирија, кој исто така беше погоден од земјотреси.

„Продолжуваме да бидеме со жртвите од земјотресот во Туркије и Сирија со молитви и конкретна поддршка“, рече папата Франциск.

Папата рече дека ги гледа шокантните слики од подрачјата погодени од земјотресот.

„Ги видов сликите од катастрофата и страдањата на луѓето. Се молиме за нив, да не ги заборавиме. Се молиме и размислуваме што можеме да направиме за нив“, рече Папата.

Повикувајќи ги верниците да не ја заборават Украина во неделните молитви, папата Франциск изрази желба во таа земја да се отворат патиштата на мирот и на тој пат да тргнат одговорни луѓе кои можат да ја запрат војната.

TRT Balkan