Папа Франциск: Многу сум загрижен поради сеопфатната опсада на Газа

 – Поглаварот на римокатоличката црква и Ватикан, папата Франциск, изјави дека оние кои се нападнати имаат право да се бранат, но е многу загрижен поради сеопфатната опсада на Газа, каде животот го загубија голем број невини цивили.

Зборувајќи на редовниот неделен прием во Ватикан, папата изјави дека продолжува со тага и загриженост да ги следи настаните во Израел и Палестина.

Тој повика на идно ослободување на заложниците.

„Секој кој е нападнат има право да се брани, но јас сум ногу загрижен поради сеопфатната опсада на Газа, каде живеат Палестинци и каде загинаа голем број недолжни лица. Тероризмот и екстремизмот не помагаат во решавањето на судирот меѓу Израелците и Палестинците, туку поттикнува омраза, насилство и освета и не прави ништо освен да им нанесе страдање и на едните и на другите“, порача папата Франциск.

Духовниот лидер на католиците нагласи дека на Блискиот исток е потребен мир, правда и дијалог, а не војна.

Папата наведе дека особено мисли и на Авганистан, кој на 7. октомври претрпе катастрофален земјотрес, и повика на помош за настраданите луѓе.