Повеќе од 20.000 камиони блокирани на украинско-полската граница поради полските протести

Над 20.000 камиони стојат на границата на Украина и Полска бидејќи полските камионџии не ги пуштаат да поминат, сметајќи ги за „нелојална конкуренција“.

Неколку десетици полски транспортни компании во понеделникот почнаа да блокираат три гранични премини меѓу двете земји. Тие бараат повторно воведување на дозволи за влез на камионите на украинските превозници за да се намали нивниот број.

На преминот Хребен во Полска, редицата камиони е долга 40 километри, изјави портпаролката на локалната полиција, додавајќи дека времето на чекање за преминот е „околу 160 часа“. На преминот Рава-Руска во западна Украина, некои возачи велат дека чекаат со денови.

Можат да поминат автомобили и автобуси.

Блокадата им штети и на украинската и на полската економија, како и на економиите на другите земји чии транспортери превезуваат стока, соопшти Министерството за обнова на Украина.

Украина соопшти дека е „подготвена за конструктивен дијалог за да се реши ситуацијата“, но организаторите на полскиот протест велат дека можат да ја продолжат блокадата „долгорочно“, барем до крајот на годината.

Полска прими стотици илјади украински бегалци и е меѓу главните донатори на воена помош за Украина, но нејзините односи со Киев беа затегнати во последните месеци поради несогласувањата околу извозот на украинско жито во Европа преку Полска, која верува дека овој извоз ги намалува неговите цени.