Пожар на површина со складиран смет кај Волковија причина за интензивниот чад ноќеска и утрово во Тетово

 Пожар на површина каде имало складиран смет во близина на селото Волковија, на околу 20 километри од Тетово и 10 километри од Гостивар, е причината за огромниот и густ чад којшто ноќеска и утринава се појави во Тетово. Пожарникарите добиле дојава еден час по полноќ, по што започна повеќечасовна интервенција.

-Пожарот е локализиран од наша страна, но огромна е депонијата. Пожарникарите се трудат да ја изгасат оваа депонија која е огромна. Се знае кога депониите се палат, тие и внатрешно се палат, горат. Покажува еднаш дека се е изгасната, ама пак се пали од внатрешната на депонијата, од ѓубрињата што ги има внатре и затоа има постојано чад, изјави Авни Амети, командир на Тетовската територијална противпожарна единица.

Тој посочи дека се трудат што поскоро да се ликвидира пожарот поради големиот чад кој се појави во Тетово. 

– Со сите наши сили се обидуваме да го завршиме, како што изгледа, состојбата нема да излезе од контрола. Бараме институциите да излезат во пресрет за да го завршиме побрзо и овој чад, да се среди ова што шири низ градовите Тетово и Гостивар да го завршиме побрзо, за да има повторно чист воздух во двата града. Што разбравме од експертите што се занимаваат со оваа работа, треба да се копа некоја дупка и целиот отпад да се стави во дупката и да се покрие со земја. Ние се трудиме да го имаме под контрола тој пожар, но чадот се проширил низ Полошкиот регион и создава многу проблеми и за нас пожарникарите што сме близу, стоиме до пожарот, истакна Амети.

Подрачјето на кое изби пожарот е во рамки на Општина Брвеница, од каде информираат дека е извршен и увид на терен со оглед дека станува збор за имот на фирма која третира отпад. Фирмата „Еколивинг“ ДООЕЛ Чегране –  Гостивар е концесионер со дозвола на Министерството за животна средина и просторно планирање да направи депонија за одложување на комунален отпад и таму се депонира отпадот од Општина Брвеница. Сопственикот на депонијата со закани кон новинарите и бараше да се оддалечат од местото.

– Кризниот штаб во Општина Брвеница беше алармиран утрово дека има оган запалено на површина каде што е приватен соственик, правно лице кое има дозвола за третирање на отпад, издадена од страна на Министерствотото за животна средина и просторно планирање. Од страна на Кризниот штаб и инспекторот за животна средина веднаш е пристапено на терен, констатирана е состојбата, изработан е записник и ќе се постапи согласно она што е констатирано од страна на инспекторот. Во рамки на општина Брвеница, од страна на концесионер, тој е должен да го собира отпадот, меѓутоа во атарот на село Стенче има приватна сопственост, правниот субјект има право да го третира отпадот. Во рамки на надлежностите на Општина Брвеница, имаме инспектор за животна средина, имаме комунален инспектор, превентивно пред почеток на летото делувавме кај сите правни субјекти, за правилно третирање на отпадот, изјави Горан Јовановски, секретар во Општина Брвеница.

Според секретарот на Општината, фирмата со претходното раководство склучила јавно-приватно партнерство со договор на 15 години.