Познат турски кошаркар го предизвика гневот на ЛГБТ заедницата: Не е во ред трансродовите жени да се натпреваруваат во спорт

Кошаркарот Енес Кантер изгледа не може без скандал, бидејќи неодамна кажа нешто што не и се допадна на ЛГБТ заедницата во САД, каде што престојува.

Тој ги критикуваше настапите на трансродовите жени во спортот воопшто, сметајќи дека не е фер да се натпреваруваат заедно со други жени.

„Висок сум 208 сантиметри и тежам 113 килограми. Замислете да се идентификувам како жена и да одлучам да играм кошарка во ВНБА, колку би било фер за сите жени кои се борат за своите соништа уште од мали нозе. “, се запраша Кантер.

Поранешниот турски репрезентативец смета дека во тој случај би ги соборил сите рекорди во женската НБА лига.

„Ако ме пуштат, би имал просечно 60 поени и 30 скока. Би ги соборил сите рекорди“, истакна Кантер, а потоа го појасни своето мислење.

„Мажите не припаѓаат во женските простори како тоалети, соблекувални или спортови. Сите знаат дека мажите се поголеми, посилни и имаат повеќе мускули. Едноставно не е фер“, рекол Кантер.

Очекувано, овие негови изјави предизвикаа бура од незадоволство кај ЛГБТ заедницата во САД, која најави тужба против кошаркарот.

Кантер е без работа од февруари минатата година, откако доби отказ од Бостон Селтикс по една сезона помината во клубот.