Политичар удрен со шише во глава: Сакал да се поздрави со поддржувачите, па завршил во болница (ВИДЕО)

Холандскиот политичар Тиери Боде заврши во болница откако маж го удри со пивско шише во глава .

Боде се поздравуваше со поддржувачите во Гронинген во бар кога беше нападнат. Осомничениот го удрил неколку пати во пределот на главата и вратот, а обезбедувањето и другите собрани потоа притрчале да го совладаат.

Боде е пренесен во болница, а напаѓачот е уапсен. 

Од неговата партија Форум за демократија истакнаа дека шишето за малку ќе го удрило во око.

Пред неполн месец истиот политичар беше удрен од маскиран напаѓач со чадор на Универзитетот во Гент во Белгија. Боде се здобил со полесна повреда, а насилникот кој извикувал антируски пароли е уапсен на лице место.

Боде го основа Форумот за демократија во 2016 година и е голем критичар на имиграцијата, „ЛГБТ пропагандата“ и членството на Холандија во ЕУ и НАТО.

Тој го опиша конфликтот во Украина како „глупава војна на НАТО против Русија“, а рускиот претседател Владимир Путин го опиша како „огромен херој во борбата против глобализмот“.