Поради израелските напади во Газа од 7 октомври раселени 1,9 милиони луѓе

Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) објави дека 1,9 милиони лица се раселени поради израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври.

Наведено е дека во периодот од 7 октомври 2023 година, кога почнаа израелските напади врз Газа, до 6 јануари оваа година, во Газа се раселени 1,9 милиони луѓе, што е 85 отсто од вкупното население.

Се соопштува дека во 155 објекти на УНРВА во Појасот Газа се сместени околу 1,4 милиони раселени лица, а останатите 500.000 се во непосредна близина на овие објекти.

Наведено е дека вкупно 1,88 милиони раселени лица добиле помош од УНРВА.

Агенцијата на ОН објави дека од почетокот на израелските напади убиени се 146 работници на ОН, а само врз објектите на УНРВА биле пријавени 220 напади.

Само пет од 22 здравствени центри на УНРВА сè уште се во функција.

Израел започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.

Според здравствените власти во Газа, загинати се најмалку 22.800 Палестинци, а 58.416 се ранети.

Израелските напади ја оставија Газа во урнатини, со 60 отсто од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, со речиси 2 милиони жители раселени, а постои и сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.