Последниот ИПАРД 2 повик започнува денеска, рокот за пријавување е 18 септември

Вкупно 8,8 милиони евра ќе биде финансиската поддршка на последниот повик за ИПАРД 2 што ќе биде објавен денеска. Рокот за поднесување барања е 18 септември 2023 година, додека инвестициите кои треба да се одобрат треба да завршат до 31 мај. Барањето за исплата мора да се поднесе до 30 јуни, а потоа Платежната агенција е должна да ги уплати средствата во рок од шест месеци (до крајот на годината). 

  На јавниот повик не се прифатливи инвестиции во градежни работи. Повикот е наменет исклучиво за набавка на опрема за обработка. Во однос на инвестициите поврзани со производство на енергија од обновливи извори, прифатливи се само инвестиции за набавка и инсталација на опрема за производство на енергија за лични потреби.

 Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, целта е максимално искористување на ИПАРД 2 „до последното евро“. Во моментов, како што истакна вчера, склучени се 2.369 договори, што е повеќе од вкупниот број на договори во Србија, Албанија и Црна Гора заедно.