Почина последниот шеф на Коза Ностра: безмилосниот убиец по 30 години бегство „падна“ поради болест

Матео Месина Денаро беше долгогодишен шеф на Коза Ностра во западната сицилијанска провинција Трапани.

Почина шефот на италијанската мафија Матео Месина Денаро, кој беше уапсен во јануари откако помина 30 години во бегство, објави во понеделникот новинската агенција АНСА, пренесува Ројтерс.

Месина Денаро (61) во моментот на апсењето боледуваше од рак на дебелото црево.

Бидејќи неговата состојба се влошила во последните недели, тој бил префрлен во болница од затворот со максимална безбедност во централна Италија.

Денаро не побарал агресивен медицински третман, објави АНСА, додавајќи дека лекарите престанале да го хранат откако било објавено дека е во неповратна кома.

Токму неговата одлука да започне лекување резултираше со негово апсење по посетата на клиниката во главниот град на Сицилија, Палермо.

По апсењето, Денаро шест пати по ред беше осуден на доживотен затвор и затворен во максимално обезбедениот затвор во Аквила каде според достапните информации продолжил со лекувањето.

Познат по прекарот Дијаболик, име на криминалец и протагонист на познатиот италијански стрип чиј обожавател е, Матео Месина Денаро беше долгогодишен шеф на Коза Ностра во западната сицилијанска провинција Трапани, иако неговата моќ се протегаше до Палермо. .

Тој беше безмилосен убиец и последен претставник на старата гарда на Коза Ностра.

Во 1992 година, тој беше дел од групата мафијаши испратени во Рим од тогашниот мафијашки бос Салваторе Риина (1930-2017) за да го убијат судијата Џовани Фалконе, познат борец против мафијата. Тие успеаја во бомбашки напад на 23 мај во близина на Палермо.

Матео Месина Денаро исчезна во летото 1993 година и стана најбараната личност во Италија. Во годините што следеа интензивно се трагаше по него.

На крајот било утврдено дека тој престојувал недалеку од родниот град Кастелветрано во западна Сицилија. По долгогодишно прислушување на членовите на неговото семејство и пријателите, полицијата конечно го пронашла Денаро и го уапсила во приватна клиника во Палермо каде дошол на редовен лекарски преглед.