Почна изборот на жетварска убавица за Деновите на кочанскиот ориз, се гласа електронски

Со електронско гласање Општина Кочани го почна изборот на жетварска убавица во рамки на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз 2023, што ќе се одржи од 27 септември до 5 октомври.

Изборот се реализира по неколкугодишна пауза поради ковид-пандемијата, а во определениот рок се пријавиле 11 кандидатки, од кои само седум ги исполниле условите за учество.

-Изборот на жетварска убавица годинава за првпат се реализира електронски, со гласање, односно „допаѓање“ (like) на фотографиите на кандидатките објавени на фејсбук-страницата на Општина Кочани. Кандидатката што ќе добие најмногу „допаѓања“ ќе биде прогласена за жетварска убавица, на настанот со кој официјално ќе започне 32. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2023“. Според бројот на гласовите ќе бидат избрани и две придружнички на жетварската убавица. Гласањето ќе трае до петок, 22 септември, до 13 часот, информираа од Општина Кочани.

Девојката која ќе биде избрана за жетварска убавица, ќе го ожнее првиот сноп ориз во рамки на обичајот зажнејување, што ќе се одржи на 1 октомври на земјоделските површини во селото Мојанци.

Во изминатите години одлуката за жетварска убавица ја донесуваше петчлена жири комисија од модни стилисти и претставник од Општина Кочани, а со електронското гласање ќе се вклучат и граѓаните, со што изборот би бил помасовен и пообјективен.