Првото бебе во 2024 во Куманово e машко

Првото бебе родено во Куманово е машко, родено три ипол часа по полноќ. Тоа е втора рожба на мајката Назије Јусуфова. Денеска таа и новороденото добија подароци од општина Куманово и од надлежните од Кумановската болница.

На Одделот за гинекологија и акушерство денеска има три родилки чии принови се очекуваат во текот на денот.

– Бебето е тешко 2.580 килограми, долго 49 сантиметри со одлични оценки, изјави д-р Софија Трајковиќ.

Лани во Одделот имало 776 породувања, од кои последното новороденче е на 31 декември во пладневните часови.

Директорката на болницата Биљана Ивановска им ја честиташе на граѓаните Новата година и им поска здравје и успех на личен и професионален план.

– Во однос на 2008 година имаме двојно помалку раѓања. Посакувам оваа година да успееме да ја надминеме таа бројка и во нашето родилиште да се раѓаат што е можно повеќе новороденчиња, кажа Ивановска.

Подароци во име на Општината однесе претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска која на мајката и на новиот жител на Куманово им посака здравје и среќа во семејството.

-Нека ни се живи и здрави новите, млади генерации и нека расне наталитетот во Општина Куманово, рече Ѓорѓиевска.