Преговорите за ставање крај на бунтот на групата Вагнер можеби сè уште траат, тврди Институтот за проучување на војната

 Преговорите за ставање крај на вооружениот бунт на групата Вагнер можеби сè уште траат, соопшти денеска американскиот Институт за проучување на војната (ISW).

Шефот на платеничката група, Евгениј Пригожин, во вторникот отиде во егзил во соседна Белорусија, откако Русија објави дека нема да го обвини за бунтот.

Белоруската групација „Проект Хајун“ ги анализирала податоците од летот од вторникот и утврдила дека авионот поврзан со Пригожин најверојатно полетал од Белорусија за Москва, а потоа одлетал во Санкт Петербург“, пишува „Скај Нуз“ („Sky News“).

Рускиот воен блогер Игор Гиркин поради тоа верува дека Пригожин се вратил во Русија за да разговара со високи функционери. Со овие теории се согласува и Институтот за проучување на војната (ISW), кој објави дека руските власти и Пригожин веројатно се уште преговараат за деталите од договорот.

„Институтот за проучување на војната не може независно да потврди дали Пригожин навистина се вратил во Русија ниту за деталите за наводната посета. Но, постои можност Пригожин накратко да се вратил во Русија за да ги разработи деталите од договорот кои ги договорил белорускиот диктатор Александар Лукашенко“, наведуваат од Институтот.