Премиерите на Македонија и Албанија разговараа за Берлинскиот процес

– Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, одржа заедничка прес-конференција со неговиот албански колега, Еди Рама, кој престојува во работна посета на Скопје.

Како што изјавија двајцата премиери, во фокус на разговорите биле подготовките за следниот самит на Берлинскиот процес што ќе се одржи во октомври годинава во Тирана.

Премиерот Ковачевски рече дека Северна Македонија и Албанија развиваат традиционално пријателство и партнерство кое е за пример во регионот, додавајќи дека европскиот пат претставува стратешка цел на двете држави.

Истакнувајќи ја важноста на Берлинскиот процес, тој потсети дека земјите од Западен Балкан изминатата година потпишаа три регионални договори за мобилност. Притоа, Ковачевски изрази поддршка за Албанија како годинешен претседавач со процесот.

„Покрај политичките иницијативи и пораки кои доаѓаат од овој процес, нам како регион ни се потребни и брзи, конкретни економски придобивки кои ќе го зголемат економскиот потенцијал на регионот и ќе го намалат јазот меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ и земјите членки на ЕУ особено во регионот на југоисточна Европа. Потребно е нешто кое граѓаните ќе го почувствуваат како придобивка уште пред влегувањето на земјите во ЕУ, што ќе ја одржи европската идеја и посветеност кон овој процес на сите чинители во општеството, на сите држави од Западен Балкан“, рече Ковачевски.

Говорејќи за тензиите помеѓу Косово и Србија, тој истакна дека Северна Македонија е конкретен пример за тоа како преку дијалог, државничко однесување и носење храбри одлуки можат да се надминат предизвиците со соседните држави кои меѓу себе имаат отворени прашања.

„Токму затоа во оваа прилика како непосреден сосед на Косово и на Србија, повикуваме на деескалација на состојбите и спроведување на меѓународно преземените обврски на двете страни, односно на имплементација на договорот кој Србија и Косово го постигнаа на 27 февруари во Брисел, и на договорот постигнат во Охрид за патот кон нормализација на односите“, рече Ковачевски.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека имале многу плодна дискусија на која разговарале за самитот на Берлинскиот процес во Тирана, чиј домаќин ќе биде Албанија.

Тој рече дека има целосна согласност со македонскиот колега дека јазот меѓу земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан во однос на финансиската поддршка од ЕУ е неспоредлив.

Рама потсети на периодот на почетокот од пандемијата на коронавирусот, наведувајќи дека „ЕУ нѐ остави како риби без вода“ и дека биле принудени да бараат вакцини од други земји, нагласувајќи го и фактот колку било важно потоа кога стигнала поддршката од ЕУ.

„Има многу заеднички предизвици кои на одреден начин бараат не само заеднички политички став, туку и заеднички пристап кон граѓаните кои не можат да бидат граѓани од прв ред и граѓани од втор ред. Во оваа насока, она што другите земји од ЕУ, она што нашите соседи во ЕУ го добиваат од ЕУ, е неспоредливо со она што ние можеме да им го ставиме на располагање на граѓаните од внатрешни ресурси, без разлика колку ги зголемуваме“, рече Рама.

Тој исто така рече дека добрата вест е што Европската комисија работи во оваа насока, додавајќи дека „ЕУ има потреба од нас толку колку што ние имаме потреба од ЕУ“.

Рама рече дека се разговарало и за следниот самит на НАТО што треба да се одржи следната недела во Вилнус, Литванија.

Тој изјави дека Албанија, Северна Македонија и Црна Гора се членки на НАТО во регион кој не е мирен, нагласувајќи ја потребата од соработка и потребата да се биде глас на регионот, а не само на поединечна земја.

Прашан околу иницијативата Отворен Балкан, тој рече дека оваа иницијатива послужи како поттик за Берлинскиот процес.

„Отворен Балкан, кога би можел да се вратам илјада пати наназад, би го направил повторно илјада пати. Отворен Балкан не е исклучувачка иницијатива. Отворен Балкан е една од 72-те иницијативи во овој регион, за кои вие немате ни слушнато воопшто, сигурен сум, бидејќи и јас кога го прочитав бројот 72, се изненадив. Каква штета има од Отворен Балкан за регионот, освен добрини“, рече Рама.

Работната посета во Северна Македонија е прва за албанскиот премиер во рамките на неговите посети на земјите од Западен Балкан.

Рама во текот на денот ќе престојува во Косово, а следниот ден ќе ги посети и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.