Пригожин го прекина молкот, објавена е нова аудио снимка

Објавена е аудио снимка на која шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, тврди дека неговиот „марш на правдата“ бил насочен против предавниците и дека очекува „нови победи на фронтот“.

Аудио снимката ја објави телеграмскиот канал Siva Zona, кој, според руските медиуми, е тесно поврзан со групата Вагнер

„Денес, повеќе од кога било, ни е потребна вашата поддршка. Ви благодарам за тоа. Сакам да разберете дека нашиот Марш на правдата имаше за цел да се бори против предавниците и да го мобилизира нашето општество. И мислам дека постигнавме многу“, рекол Пригожин.

„Во блиска иднина, сигурен сум дека ќе ги видите нашите нови победи на фронтот. Фала момци“, рекол тој. Не е јасно на чии победи точно се повикува. 

Не е познато кога е снимено аудиото, а неговата последна изјава беше објавена на 26 јуни. Потоа, по завршувањето на бунтот против руските власти, тој рече дека Вагнер се покажал како најефикасна борбена формација во Русија.

Пригожин последен пат беше виден во јавноста во возило во Ростов-на-Дон на 24 јуни, додека бунтот сè уште траеше.