Пристигнуваат семафори со уште една боја: Научниците со помош на вештачка интелегенција смислија како да го намалат метежот и потрошувачката на гориво

Вештачката интелигенција наскоро би можела да донесе нова ера на сообраќајна сигнализација!

Експерти од Универзитетот во Северна Каролина претставија иновативен систем за сигнализација на семафорите кој користи вештачка интелигенција за оптимизирање на протокот на возила на раскрсниците во градовите. Напредниот систем за сигнализација на семафорите не само што би го намалил метежот во градскиот сообраќај, туку и би им овозможил на возачите значителна заштеда во пари и време!

Идејата е да се интегрира таканареченото бело светло пред сè во сигнализацијата за автономно регулирање на сообраќајот на возилата. Белото светло би било синхронизирано со компјутерските системи на самоуправувачкиот автомобил, давајќи им јасни насоки на раскрсниците.

Истражувачите тврдат дека белото светло не само што ќе го подобри протокот на сообраќај, туку и ќе ја намали потрошувачката на енергија, особено во ситуации кога автономните возила доминираат во сообраќајот. Тестовите покажаа дека повеќе автономни возила на патиштата значително го намалуваат метежот и трошоците за гориво.

Новиот систем вклучува и комуникација помеѓу автономни возила и централен компјутерски систем преку паметни семафори. Со тоа би се овозможило координација на сообраќајот на најефикасен начин, со што би се подобрила севкупната флуидност на патниот сообраќај.

Системот е исто така флексибилен. Ова значи дека сигнализацијата ќе се врати на конвенционален систем со три бои кога повеќе луѓе се на пат, обезбедувајќи континуирана безбедност и компатибилност со различни стилови на возење.

– Четвртото светло ќе се користи за регулирање на сообраќајот за самоуправувачките автономни возила и ќе биде синхронизирано со нивните компјутерски системи – изјави водачот на истражувањето Али Хајбабаие.

Истражувачите го тестираа концептот на бела светлина на сложени микро-сообраќајни симулатори кои беа поставени за да предвидат различни ситуации што може да се појават на патот и како автомобилите без возач ќе реагираат на нив.

Истражувачите веќе планираат пилот проекти за тестирање на функционалноста на овој систем во реални услови, иако имплементацијата може да биде предизвик. Напорите претставуваат чекор кон попаметна и поефикасна, но и поеколошка иднина на патниот сообраќај.