ПСЖ СЕ ИЗБОРИ ЗА МЕСТО ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО ВО ЛШ – По драмата во последното коло, Луис Енрике порача: “Ќе бидеме многу посилни во февруари!“

Тренерот на Парис Сен Жермен, Луис Енрике, по пласманот во осминафиналето во Лигата на шампионите изјави дека неговиот тим во февруари ќе биде многу посилен.

ПСЖ синоќа одигра 1:1 на гостински терен со Борусија Дортмунд, во последното коло од групата Ф на Лигата на шампионите и како второпласирана се пласираше во нокаут фазата благодарение на победата на Милан против Њукасл (2:1).

Да напредуваме во ваква тешка група… Многу сум среќен. Ова само ќе ни помогне да се подобриме. Задоволен сум од односот на мојот тим. Ќе бидеме многу посилни во февруари“, изјави Луис Енрике.

Тој изјави дека на почетокот на натпреварот не го гледал резултатот од играта во Њукасл.

Целта беше да го добиеме нашиот натпревар, тоа го кажавме во соблекувалната на полувремето. Да размислувавме за вториот натпревар, ќе беше катастрофа“, вели Луис Енрике.

Во 80. минута знаевме дека Милан води и дека тоа не’ квалификуваше за осминафиналето. Ги замолив играчите малку повеќе да ја контролираат топката, да ризикуваат помалку и да ја искористат можноста доколку ни се појави. Сакавме да завршиме со победа“, додаде тој.

ПСЖ пропушти голем број шанси во првото полувреме, но Луис Енрике изјави дека не е загрижен поради неефикасноста.

Она што ме загрижува е недостатокот на контрола во играта, кога ја губиме топката“, вели тој.

ПСЖ сега ја чека ждрепката за осминафиналето закажана за в понеделник. Со второто место во групата, францускиот тим во осминафиналето ќе игра со еден од победниците на групата.

Мислам дека ниту една од екипите што завршија на првото место во својата група нема да сака да се соочи со ПСЖ. Ќе бидеме многу посилни во февруари“, истакна Луис Енрике.