Психолог го подготвува Алкараз за финалето против Ѓоковиќ: Шпанецот добро го памети последниот меч со Новак и по секоја цена сака да го избегне ова
Шпанскиот тенисер, Карлос Алкараз во недела ќе се обиде да го освои вториот Грен слем во неговата кариера.
Првиот на АТП листата ќе игра против Новак Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон, а откако во полуфиналниот дуел го совлада Данило Медведев во три сета, Шпанецот одговори на изјавата на новинарот дека Рафаел Надал го освоил првиот трофеј на Вимблдон совладувајќи го тогашниот шампион (Федерер).
Алкараз има шанса да го стори истото.
“Тоа е дополнителна мотивација. А особено кога ќе го играте финалето против легендата на нашиот спорт. Ако победам, тоа ќе биде неверојатна работа за мене – не само што ќе биде победа да го освојам Вимблдон, туку ќе биде против Новак Ѓоковиќ, што ќе биде супер специјално. Секогаш велам, ако сакаш да бидеш најдобар, мора да го победиш најдобриот, а Новак е еден од нив. Би било одлично да го направам тоа“, изјави Алкараз.
Тој додаде дека се надева дека нема да има проблеми како оние што му се случија на полуфиналниот меч на Ролан Гарос кога против Ѓоковиќ имаше големи проблеми со грчеви поради стрес, нервоза и притисок.
„Ќе се обидам да не влезам во финалето овде со толкава нервоза како што бев во полуфиналето во Париз. Ќе се обидам да бидам опуштен, да уживам во моментот, бидејќи не уживав во првиот сет на Ролан Гарос. Мечот ќе го подготвувам поинаку отколку претходно. Ќе биде поинаку. Се надевам дека нема да ми се случи истото како тогаш. Имам психолог со кој работам од почетокот на 2020 година. Таа ми помага многу. Ќе разговарам со неа како да го подготвиме натпреварот, тоа е многу важен момент за мене, нема да биде лесно. Но, дефинитивно ќе разговарам со неа”.
На крајот тој го пофали Новак.
„Пораснав гледајќи го. Тој ги победуваше сите тие големи играчи како Федерер и Надал додека беше уште млад. Да се биде тоа што е тој и да се постигне сето она што тој го постгна е просто неверојатно. Како што сум кажал и претходно, тој нема никакви слабости. Тој е комплетен играч, неверојатен. Тој не прави ништо погрешно за време на натпреварот. Тој е физички ѕвер. Тој е психички ѕвер. Сè на него е неверојатно. Мислам дека тој е мешавина од се’ што најмногу го ценам.”