Путин: Војната меѓу Израел и Хамас нема да ескалира, главните играчи не се подготвени за тоа

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека не верува оти војната меѓу Израел и Хамас ќе ескалира во конфликт од пошироки размери, бидејќи „играчите не се подготвени за понатамошна ескалација“.

„Што се однесува до нападот на болницата, тоа е страшна трагедија. Стотици мртви и стотици ранети се катастрофален настан“, рече Путин за време на неговата посета на Пекинг.

– Навистина се надевам дека ова е сигнал да се стави крај на овој конфликт што е можно поскоро. Во секој случај, мораме да се фокусираме на можноста за почеток на некои контакти и преговори. Имам впечаток дека никој не сака конфликтот да продолжи, да се развива понатаму и ситуацијата да се влошува, додаде тој.

– Според мене, практично нема големи играчи кои се подготвени да го ескалираат конфликтот и да го претворат во војна од големи размери. Некои не го сакаат тоа, некои се плашат, рече Путин.

Палестинските власти го обвинија Израел за нападот врз болницата во Газа, во кој загинаа најмалку 500 луѓе. Израел, пак, тврди дека експлозијата во болницата е предизвикана од неуспешното лансирање на ракета од страна на палестинската милитантна група Исламски џихад, која ја отфрли одговорноста за овој страшен настан.