Рускиот претседател Владимир Путин денеска го одликуваше американскиот актер Стивен Сигал, поранешна холивудска ѕвезда, кој во последните години стана активен бранител на рускиот претседател, а неодамна и на неговата офанзива против Украина.
Путин потпиша указ со кој на актерот му се доделува „Орден за пријателство“ за „голем придонес во развојот на меѓународната културна и хуманитарна соработка“, се вели во документот објавен на официјалната веб-страница на руската влада.
Специјалистот за аикидо Стивен Сигал (70) беше една од ѕвездите на американските акциони филмови во 1980-тите и 1990-тите.
Како што неговата кариера опаѓаше, актерот роден во Лансинг, Мичиген постепено се зближуваше со авторитарните лидери, вклучувајќи го и шефот на Кремљ.
Во 2016 година, Сигал доби руски пасош од Владимир Путин, но ја задржа својата американска националност. Оттогаш, актерот живее во Русија, дури и се приклучи на една националистичка партија во 2021 година.
Во август, глумецот отпатува во источна Украина за да се сретне со водачот на проруските сепаратисти во Доњецк, Денис Пушилин, и да му искаже поддршка.
Потоа го посети затворот Оленивка, во близина на Доњецк, каде летово во експлозија загинаа десетици украински затвореници.
За 70-тиот роденден на Владимир Путин во октомври, Сигал сними видео за поддршка на рускиот претседател, кого го нарече „еден од најголемите светски лидери“.
„Навистина се надевам и се молам да ја добие поддршката, љубовта и почитта што му се потребни. И сите сегашни неволји брзо да завршат и да живееме во мир во светот“, рече Сигал.