Реал Мадрид со најголема заработка во Лигата на шампиони

Актуелниот европски првак Реал Мадрид оствари најголема заработка од настапите минатата сезона во Лигата на шампиони, инкасирајќи 133.7 милиони евра, соопшти денеска УЕФА.

Вкупната заработка на Реал вклучува основна уплата за влез во групната фаза, бонуси за остварените резултати, делот од шпанските права за емитување и дополнителна исплата врз основа на историските рекорди на клубовите во натпреварувањата на УЕФА.

Ливерпул, кој во ланското финале беше поразен од Реал, е втор на листата според заработка со вкупно 120 милиони евра од вкупниот награден фонд на УЕФА во Лигата на шампиони од над две милијарди евра.

Само уште два други клуба заработија деветцифрени суми – Баерн Минхен речиси 110 милиони евра и Манчестер сити 109 милиони евра.

УЕФА објави дека 32-те екипи кои настапуваа во групната фаза во ЛШ во просек заработиле 61.8 милиони евра, а најниската исплата во износ од 23.7 милиони евра е уплатена на молдавски Шериф.