РСЕ: Воена вежба на Србија со западните партнери и НАТО и покрај мораториумот

 Србија се подготвува за воената вежба „Платинест волк 2023“ на која вооружените сили на Србија учествуваат со припадници на вооружените сили на земји, меѓу кои некои се дел од членките на НАТО, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерството за одбрана на Србија за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврди дека ги „превзема сите неопходни активности за подготовка и реализација на меѓународната вежба“ што ќе се одржи на југот на Србија од 14 до 30 јуни.

Соединетите Американски Држави (САД), Северна Македонија, Словенија и Босна и Херцеговина се меѓу земјите што ќе испратат припадници на своите вооружени сили во Србија.

„Платинест волк 2023“ го привлече вниманието на јавноста затоа што беше изземен од мораториумот на сите воени вежби, што го воведе Србија со партнерите од Истокот и Западот веднаш по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

И додека САД ја поздравија одлуката на Србија, Кремљ најави дека „внимателно ќе ја следи“ вежбата.

Србија е воено неутрална, додека соработува со НАТО од 2006 година се одвива преку Партнерството за мир.

Министерството за одбрана на Северна Македонија за РСЕ потврди дека ќе учествува на воената вежба „Платинест волк“ во Србија.

Вежбата ја гледаат како можност за подобрување на билатералната соработка „кон побезбеден регион“.

Во тоа министерство посочија дека актуелните геополитички околности, од руската инвазија на Украина, „укажуваат на потребата од постојана подготовка, вежби и подготвеност“.

-И во регионален и во глобален контекст, подготовките и вежбите треба да се сфатат како подготовка за отпор и одбранбена готовност, а не како инструмент за загрозување и јакнење на политичката нестабилност, изјавија за РСЕ од Министерството за одбрана на Северна Македонија.