Русите го евакуираат населението поради цунами: Паника по разорниот земјотрес во Јапонија

Руските власти наредија евакуација на Сахалин, каде што е прогласена закана од цунами, по разорните земјотреси што ја погодија Јапонија.

„Крајбрежните делови на западниот брег на Сахалин може да бидат погодени од бранови цунами“, се вели во соопштението на Министерството за вонредни ситуации.

Во тек е евакуација на населението на безбедно, а бродовите го напуштаат пристаништето на отворено море.

„Силите и ресурсите за отстранување на последиците од цунамито се подготвени да одговорат“, соопшти Министерството.

Како што се наведува, сите граѓани во крајбрежниот дел на Татарскиот теснец се поканети да се засолнат на височина од најмалку 30 до 40 метри.

„Спасувачите бараат од локалните жители да останат смирени и да ги следат пораките за јавно обраќање“, се додава.

Да потсетиме, три екстремно силни земјотреси се забележани во Јапонија за помалку од 15 минути. Најсилниот земјотрес бил со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, а на брегот на Јапонија веќе се забележани бранови високи до 1,2 метри.