Русија ги подели државите во светот на конструктивни, неутрални и непријателски

 – Русија ги подели земјите во светот на „конструктивни, неутрални и непријателски“ во рамките на својата нова надворешна политика, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

„Непријателските партнери претставуваат егзистенцијална закана за безбедноста, суверенитетот и развојот на Русија“, нагласи Рјабков во интервјуто за списанието „Интернешнл аферс“.

Како што изјави тој, Соединетите Американски Држави (САД) се именувани за иницијатор на „хибридна војна“, а новата политика одобрува преземање „симетрични и асиметрични мерки“ како одговор на „непријателските дејства“.

Според неговите зборови, „важните иновации“ се однесуваат на условите за употреба на сила во самоодбрана и за спречување вооружен напад врз Русија и нејзините сојузници.

„Меѓутоа, приоритет во решавањето на меѓународните спорови им се дава на мирните средства“, рече рускиот претставник.

Рјабков истакна дека „прагот“ за употреба на нуклеарно оружје не е намален, а одредбите на политиката за нуклеарно одвраќање „добија одредена спецификација и дополнително појаснување“.

„Нашите непријатели цинично шпекулираат за оваа ситуација, обидувајќи се да ни припишат недостиг на намера за користење нуклеарно оружје во врска со она што се случува во Украина. Нема промена во нашиот пристап кон ова сложено и алармантно прашање“, објасни Рјабков.

Тој, исто така, рече дека Москва нема да се врати на имплементацијата на Договорот за намалување на стратегиското оружје додека САД не се откажат од својот длабоко непријателски однос кон руската надворешна политика.

Рјабков ги критикуваше Велика Британија и Франција за недостиг на транспарентност во зголемувањето на нивните нуклеарни боеви глави и носачи.

Тој не очекува промени во политиката на Западот бидејќи, како што истакна, „елитите остануваат истите убедени атлантисти“.

„Оние што се на власт во модерната Западна, Средна и Источна Европа се претежно убедени атлантисти, луѓе со длабоки врски во странство, луѓе што пораснале, студирале таму, апсорбирале специфичен англосаксонски дух, навикнати се да гледаат од висина на другите и да уживаат во својот круг во западната мегаломанија“, изјави Рјабков.