Русија го оквалификува поранешниот премиер Михаил Касјанов како „странски агент“

– Руското Министерство за правда денеска го класифицира поранешниот премиер Михаил Касјанов, кој ја напушти Русија за да ја осуди офанзивата во Украина, како „странски агент“.

Името на Касјанов, кој беше првиот шеф на владата на претседателот Владимир Путин на почетокот на 2000-те, сега се појавува во регистарот на „странски агенти“ на Министерството за правда.

Министерството го обвини Касјанов дека „се спротивставил на специјалната воена операција во Украина“ и дека е „член на рускиот антивоен комитет, здружение чии активности се насочени кон дискредитација на руската надворешна и внатрешна политика“.

Тој „комитет“, со многу ограничени активности, беше формиран во странство минатата година од неколку руски противници на владата, меѓу кои и екс олигархот во егзил Михаил Ходорковски.

Касјанов беше премиер на Путин во текот на неговите први години на власт, од 2000 до 2004 година, но потоа стана силно критичен кон рускиот претседател.

Во јуни 2022 година, тој изјави за француски медиуми дека повеќе не го признава Путин со кој соработувал, нагласувајќи дека се надева дека Русија еден ден ќе се врати на „демократскиот пат“.