Русија соопшти дека неутрализирала обид за напад на Москва со борбени дронови

– Рускиот систем за противвоздушна одбрана соборил две борбени беспилотни летала кои се движеле кон главниот град, изјави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

Во изјавата на својот канал на Телеграм, Собјанин рече дека еден од дроновите е уништен во близина на автопатот Минскоје, додека другиот во подрачјето на Домодедово.

Тој истакна дека нема повредени поради паѓањето на остатоците од дроновите и дека властите работат на местото на настанот.

Руските власти известија дека Украина извршила напади врз Москва со беспилотни летала на 24, 28 и 30 јули, како и на 1 и 6 август, и дека во нападите нема загинати ниту повредени.

Бројот на напади со дронови на руска територија драстично се зголеми во последните месеци. Меѓутоа, во последниве недели, употребата на чамци без екипаж стана честа практика.

Иако Киев не ја презеде одговорноста за нападите, украинскиот претседател Владимир Зеленски минатата недела изјави дека нападите на руска територија се „неизбежен, природен и апсолутно фер процес“.