Руската паравоена група Вагнер негира присуство на нејзини припадници во Судан

– Руската паравоена група Вагнер го негираше присуството на свој персонал во Судан, каде што се водат борби меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).

„Поради големиот број прашања од различни странски медиуми за Судан, од кои повеќето се провокативни, сметаме дека е неопходно да ги информираме сите дека повеќе од две години нема персонал на Вагнер во Судан“, се вели во соопштението на прес-службата на Вагнер.

Во соопштението се вели дека Вагнер „долго време“ не одржува контакт ниту со началникот на суданската армија, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан, ниту со лидерот на РСФ, Мухамед Хамдан Дагало.

„Моменталниот конфликт е чисто внатрешно прашање на Судан. Секој обид на медиумски извори, странски влади или други актери да ги поврзат ПМЦ Вагнер или Евгениј Пригожин (шеф на групата Вагнер) со овој случај не се ништо друго освен правење слепи претпоставки или обид да се брани едната страна во овој конфликт со манипулирање со фактите“, се вели во изјавата.

Најмалку 300 луѓе загинаа, а над 3.000 се повредени во вооружените судири од саботата меѓу суданската армија и паравоената група РСФ во главниот град Картум и неговите околни области.

РСФ ја обвини армијата дека ги напаѓа нејзините сили јужно од Картум со лесно и тешко оружје, додека војската рече дека паравоените сили „шират лаги“ и ја прогласија за „бунтовничка“ група.

Спорот меѓу двете страни излезе на површина минатиот четврток, кога армијата рече дека РСФ имале нелегални движења кои се случиле без координација, при што нивниот јаз се фокусира околу предложената транзиција кон цивилно владеење.

Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја разреши преодната Влада на премиерот Абдала Хамдок и прогласи вонредна состојба во потег што политичките сили го квалификуваа како „државен удар“.