Руте: Да ги убедиме оние што „седат“ на патриот ракети да ѝ помогнат на Украина  

– На Украина и’ е потребна противвоздушна одбрана и треба да направиме напори да ги убедиме земјите кои „седат на големи купишта“ ракети патриот да и помогнат на земјата да ја запре руската инвазија, порача вечерва холандскиот премиер во заминување и главен фаворит за иден генерален секретар на НАТО, Марк Руте при доаѓањето на дводневниот Специјален самит на Унијата во Брисел.   

– Знаеме дека многу земји кои седат на големи купишта рекети патриот, а можеби не сакаат директно да ги испорачаат. Можеме да ги купиме од нив и можеме да ги доставиме во Украина, имаме пари на располагање. Тоа е клучно, рече Руте. 

Запрашан за коментарот на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека сојузниците на Израел веднаш му помогнале иако не е член на НАТО, а Украина се уште не добива доволна поддршка во противвоздушна одбрана, Руте одговори дека на земјата треба да и се достави сета противвоздушна одбрана што може да и се испорача и дека тоа треба да се стори. 

Во врска со изјавата на градоначалникот на Харков, кој е цел на жестоки руски напади, дека постои ризик градот да стане „втор Алепо“, Руте рече дека ситуацијата е „исклучително тажна“.

– Тоа е крајно тажно и бев импресиониран кога ги гледав наставниците како држат часови во станиците на метрото и се обидуваат да го менаџираат тој систем што е можно понормално, рече Руте, кој на 1 март престојуваше во посета на Харков.