САД: Во Германија пристигнаа 31 тенк Абрамс за обука на украинските војници

 – Министерството за одбрана на САД објави дека 31 тенк М1 Абрамс пристигнале во Германија пред обуката на украинските сили организирана од Соединетите Американски Држави (САД).

„Можам да потврдам дека 31 тенк за обука М1 Абрамс пристигнаа во Графенвоер, Германија, во подготовка за дополнителна обука на украинските тенковски екипажи“, рече портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.

Тој повтори дека оваа сеопфатна програма за обука на украинските екипажи има цел да ги подготви за клучните улоги што им претстојат во ефективното управување на тенковите М1 и одбраната на украинскиот народ.

Во јануари, американскиот претседател Џо Бајден објави дека САД ќе ѝ дадат на Украина 31 тенк М1 Абрамс за борба против Русија откако Германија се согласи да ѝ прати тенкови Леопард 2 на Украина.

Овие тенкови, кои сега се во Германија, не се оние што Украинците ќе ги добијат за борба.