САД: Одлуката на Русија да се повлече од Договорот за жито е неодговорна и опасна

– Соединетите Американски Држави соопштија дека одлуката на Русија да се повлече од Договорот за пренос на жито преку Црно Море е „неодговорна и опасна“, додавајќи дека тоа „ќе го зголеми недостигот на храна и ќе им наштети на милиони ранливи луѓе низ светот“.

„Иницијативата за црноморско жито беше клучна во намалувањето на (глобалната) цена на храната, која се зголеми како резултат на руската брутална и непровоцирана инвазија на Украина“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

Кирби рече дека „одлуката на Русија да продолжи со ефективна блокада на пристаништата во Украина и да го спречи ова жито да стигне до пазарите ќе им наштети на луѓето низ светот“.

„Русија ќе биде целосно и единствено одговорна за последиците од овој воен чин на агресија. Веќе гледаме скок на глобалните цени на пченицата, пченката и сојата како резултат на суспензијата на Русија. Ја повикуваме руската Влада веднаш да ја повлече својата одлука“, додаде Кирби.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека Договорот за коридорот за жито е завршен и дека е стопиран.

„Русија веднаш ќе се врати на Договорот за жито штом ќе бидат прифатени релевантните услови. Делот од Договорот во врска со Русија не е исполнет“, рече Песков.

Русија бараше отстранување на пречките за рускиот извоз на ѓубрива, со цел да се согласи на уште едно продолжување на Договорот за жито, вклучително и вклучување на државната Руска земјоделска банка во меѓународниот платен систем СВИФТ.

Туеција, ОН, Русија и Украина на 22 јули 2022 година потпишаа Договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море што беа блокирани од војната меѓу Русија и Украина. Оттогаш Договорот неколку пати беше обновен, а на 18 мај беше продолжен за уште два месеца.

Москва ги повлече и безбедносните гаранции за пловидба во северозападниот дел на Црно Море.

Според податоците на ОН, благодарение на овој Договор е обезбеден безбеден премин на повеќе од 32 милиона тони храна од украинските пристаништа.

Светската програма за храна испорача повеќе од 725.000 тони за поддршка на хуманитарни операции, намалувајќи ја гладта ​​во некои од најтешко погодените области во светот, вклучително Авганистан, Африкански Рог и Јемен.