Самитот ЕУ-ЦЕЛАК посветен на војната во Украина

– Лидерите на земјите-членки на ЕУ и Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите (ЦЕЛАК) денеска го завршија својот трет состанок, на кој најмногу време посветија барајќи формулација за руската агресија врз Украина.

Како што пренесуваат транските агенции, земјите-членки на ЕУ сакаа во завршната декларација да ја внесат најострата можна осуда на руската агресија врз Украина, но дел од земјите од ЦЕЛАК се спротивставија. 

„Длабоко сме загрижени за војната против Украина, која продолжува да предизвикува огромно човечко страдање и ги влошува постојните слабости во глобалната економија, го ограничува растот, ја зголемува инфлацијата, ги нарушува синџирите на снабдување, ја зголемува енергетската и прехранбената несигурност и ризикот за финансиската стабилност“, се наведува во декларација.

На крајот има фуснота дека „сите земји ја поддржаа со еден исклучок поради несогласување со еден став“.

На инсистирање на земјите од ЦЕЛАК, декларацијата вклучува формулација со која се осудува „трансатлантската трговија со робови“, која предизвика „неискажано страдање за милиони мажи, жени и деца“.

Во периодот од 15 до 19 век, најмалку 12,5 милиони луѓе од Африка биле киднапирани и транспортирани со европски бродови во Латинска Америка. Португалија, која ги транспортирала во Бразил, била одговорна за околу шест милиони робови.

ЦЕЛАК е регионален блок основан во 2010 година, кој обединува 33 земји од Латинска Америка и Карибите. Неговата цел е да ги обедини овие земји заради јакнење на политичкиот дијалог и социјалната и културната интеграција на регионот, да го подобри квалитетот на животот и да го стимулира економскиот раст во регионот. Во тие 33 земји живеат околу 600 милиони луѓе.

ЕУ и ЦЕЛАК заедно имаат над една милијарда жители, што е 14 отсто од светското население, и тие сочинуваат 21 отсто од глобалниот БДП.