Самитот на ОБСЕ – Блинкен ќе биде во Скопје, за Лавров се уште нема потврда

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе дојде на неформалната вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, потврди денеска министерот за надворешни работи на Република Македонија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.

Османи, кој одржа прес-конференција за подготовките на Советот, не можеше да прецизира дали на неформалната вечера ќе учествува и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Како што рече, агендите на сите министри се различни, па не мора да значи дека секој од нив ќе биде присутен на конференцијата сите три дена.

Османи рече дека на 28 ноември гостите ќе почнат да пристигнуваат, додека неформалната вечера е закажана за 29 ноември со поголем дел од министрите.

На вечерата се очекува да бидат изнесени позициите на државите за иднината на ОБСЕ, но тема, како што рече Османи, ќе биде и агресијата во Украина.

Предвидено е Министерскиот совет да одржи повеќе придружни настани за кои се планирани повеќе теми: Украина, климатските промени, младите и граѓанското општество.