Самсоненко се откажал од „Јане Сандански“, веднаш откако се извлече од стечај и продолжи да го гради хотелот на плоштад!

Половина година по прекинувањето на стечајната постапка на „СИС Инвест Груп“ и само 4 месеци откако судското решение станало правосилно, што му овозможи на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко да го догради „Офицерски дом“, тој склучува договор со МОК, со кој практично за само 50.000 евра се откажува од правото во следните 26 години да стопанисува со спортскиот комплекс, кој за една година донел приходи од 325 илјади евра.

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко се откажал од спортскиот комплекс „Јане Сандански“ во корист на Македонскиот олимписки комитет, отстапувајќи го на период од 26 години за нецели 50 илјади евра, само половина година откако компанија на Самсоненко успева да се извлече од стечајна постапка и веднаш потоа да продолжи да го гради „Офицерски дом“ на скопскиот плоштад, што беше во неколкугодишен застој.

Обработувајќи ја темата за случувањата и работењето на Македонскиот олимписки комитет на чело со Даниел Димевски, кој успеа да се избори за втор последователен претседателски мандат иако голем број на спортски федерации и работници покренаа иницијатива за негова смена, обезбедивме обемна документација и бројни податоци поврзани со делувањето на МОК и Димевски, што е предмет на интерес и на повеќе надлежни органи, а предмет води Јавното обвинителство.