Санчез: Осудата на масакрот во Газа не е прашање на идеологија туку на човечност

– Шпанскиот премиер Педро Санчез вчера го бранеше својот критички став за израелските напади на Газа во екот на дипломатскиот спор меѓу Шпанија и Израел.

„Да се осудат подлите терористички напади на Хамас и истовремено да се осуди неселективниот масакр на палестинските граѓани во Газа не е прашање на политичка партија или идеологија – тоа е прашање на човечност“, рече Санчез за време на своето обраќање на собир во Шпанија.

За време на посетата на Блискиот Исток Санчез го разбесни израелското раководство обвинувајќи го дека не се придржувале до меѓународното хуманитарно право во опсадата и бомбардирањето на Појасот Газа.

Пред крајот на посетата на Блискиот Исток, на која Санчез патуваше заедно со белгискиот премиер, Александер де Кро, израелската Влада ги повика шпанскиот и белгискиот амбасадор.

Израелскиот министер за надворешни работи, Ели Коен, ги обвини двајцата европски лидери дека „поддржуваат тероризам“.

Возвратно на тоа, шпанскиот шеф на дипломатија, Хозе Мануел Албарес, го повика израелскиот амбасадор во Шпанија и Коеновите коментари ги нарекол „неприфатливи“.

Во саботата Коен изјави дека Израел „нема да заборави кој стои“ покрај нив „во овие времиња и кој ја поддржува убиствената терористичка организација што држи повеќе од 200 заложници“.

Подоцна Албарес додаде дека Шпанија ќе продолжи да „го крева својот глас“ за да ги заштити недолжните палестински цивили, истовремено осудувајќи го Хамас.

Поранешниот шпански премиер Хозе Луис Родригез Запатеро вчера изјави дека „за храбар ќе биде запаметен“ ставот на Шпанија за Палестина.

Но во Шпанија не се согласуваат сите со таквиот став.

Вчера шпанскиот конзервативен опозициски лидер Алберто Нуњез Феихо го обвини Санчез за почеток на дипломатски судир.

„За жал, Шпанија е помалку доверлива на меѓународен план“, рече Феихо за шпанските медиуми во Мадрид.

Во обраќањето на собирот Санчез рече дека опозицијата не мора да биде покрај неговата Влада.

„Но јас ќе барам да се залагаат за човековите права, тоа е она што го браниме“, им рече на насобраните.

Санчез рече дека негова цел е да се увери ЕУ или повеќе земји членки да ја признаат Палестина. За време на посетата на Блискиот Исток Санчез изјави дека Мадрид е подготвен на едностран потег, доколку тоа е единствена опција.