Се огласи Трамп за кокаинот во Белата куќа: Тајната служба знае во чија сопственост се кесичките

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти Тајната служба го познава сопственикот на кесичката со кокаин пронајдена во Белата куќа овој месец.

Трамп изрази сомнеж дека официјалните лица не можат да го утврдат сопственикот на илегалната супстанца што беше пронајдена во фоајето на западното крило на Белата куќа, објави Фокс њуз.

Знаете ли колку камери има пред собата за вонредна ситуација – праша Трамп и додаде:

– Одлично ја запознав Тајната служба и немам ништо друго освен пофални зборови за нив, тие се неверојатни луѓе. И верувам дека знаат сè, дека се навистина паметни и добри во тоа што го работат.

На почетокот на овој месец беше пронајдена кесичка со кокаин, а минатата недела беше објавено дека Тајната служба не можела да го идентификува сопственикот.

– Не верувам дека е можно на одредено место, во близина на собата за вонредна ситуација, да се остави кесичка кокаин. Не зборувам за соседните блокови оддалечени од Белата куќа, туку за просторијата во која одлучувате за војна, за нуклеарната ситуација – рече Трамп.

Тајната служба во четвртокот издаде соопштение дека нивната истрага „беше во тек пред откривањето на супстанцијата и дека неколку стотици лица можеби се приближиле до областа каде што е пронајден кокаинот“ и дека на чантата не биле пронајдени отпечатоци.