Се подготвува нов напад на Путин, ни капка руска нафта нема да може да влезе во ЕУ: „Имаме решение!“

„Мислам дека медиумите сакаат да пишуваат за кавги и тензии, но нашиот успех е единството, чие зачувување е многу важно“, вели еден дипломат.

Напорите на Европската унија да ги затвори правните дупки што овозможуваат руската нафта да продолжи да влегува во ЕУ, наидоа на широко одобрување од земјите-членки, изјавија официјални лица и дипломати за Политико .

Претставници на 27 земји-членки се состанаа во четвртокот за да разговараат за техничките аспекти на 11-тиот пакет санкции што се подготвува против Русија.

Тројца функционери запознаени со постапката на состанокот велат дека никој моментално не се противи на зајакнувањето на постојното енергетско ембарго – дури ни оние земји за кои се верува дека имаат корист од непријавениот увоз на руска сурова нафта.

„Се разбира, овој пакет е различен од другите бидејќи се фокусира на случаи на заобиколување на законот и ќе има поинаков ефект, затоа внимателно ќе ги разгледаме сите предлози“, рече дипломат од земја која се соочува со притисок да ги намали своите енергетски врски со Русија. „Но, ние не го гледаме спроведувањето како голем проблем – немаме никакви црвени линии за тоа“.

Во нацрт-предлогот на Европската комисија за нов пакет санкции се наведува дека на бродовите што тајно превезуваат руска нафта од пристаништата на ЕУ ќе им биде забрането да пловат. Ова е насочено кон таканаречената „флота во сенка“ на застарени танкери што превезуваат руска сурова нафта откако ЕУ го забрани увозот на руска нафта и нафтени производи и откако групата Г7 ги ограничи цените.

Русија нема доволно бродови за транспорт, па затоа е принудена да користи танкери од трети земји за транспорт на својата нафта. Се верува дека голем дел од таа флота е во грчка сопственост, покажа анализата на S&P Global. Некои бродови ги исклучуваат транспондерите и ГПС-уредите за да избегнат откривање, според нацрт-санкциите.

„Со оглед на наглото зголемување на бројот на обиди за измама и поврзаните еколошки ризици на странски бродови кои ги заобиколуваат ограничувањата на ЕУ и транспортираат руска сурова нафта и нафтени деривати, новите мерки ќе го забранат пристапот до пристаништата и доковите на Унијата на оние бродови кои се осомничени или откриени дека ја прекршуваат забраната за увоз на руска сурова нафта и нафтени деривати по морски транспорт во Унијата и ценовната граница што беше договорена на состанокот на Г7“, се наведува во нацртот. Се додава дека истите казни ќе важат и за бродовите кои ги исклучуваат транспондерите и ГПС-уредите.

Не е многу веројатно дека заострувањето на мерките ќе предизвика голем спор, рече висок функционер на Комисијата кој сакаше да остане анонимен.

„Мислам дека медиумите сакаат да пишуваат за кавги и тензии, но нашиот успех е единството, а зачувувањето на тоа единство за надворешниот свет е многу важно“, рече функционерот.

Мерките поврзани со нафтата се дел од поширокиот пакет санкции кои најверојатно ќе бидат насочени кон трети земји кои продолжуваат да тргуваат со Русија, вклучувајќи ги Кина и Иран, а има и анекс во кој се наведени одредени земји и производи. Сето ова се прави за да се осигура дека претходните санкции всушност имаат влијание врз руската економија и ја попречуваат способноста на Кремљ да води војна во Украина.

Иако засега никој не е против заострување на нафтените санкции, вистинскиот тест ќе дојде кога поединечните земји навистина ќе треба да ги спроведат овие мерки, рече Џорџ Волошин, глобален експерт во Здружението на сертифицирани професионалци за спречување перење пари.

„Имплементацијата на мерките досега беше доста ограничена низ ЕУ“, рече тој, додавајќи дека „вообичаените осомничени – особено медитеранските нации“ ќе мора да направат повеќе отколку само да ги прифатат правилата во Брисел. По враќањето дома, тие ќе мора „навистина да се погрижат нафтата да не тече и парите да не течат од нивните земји“.