Се преместуваат посмртните останки на Синиша Михајловиќ, еве каде ќе почива легендата

Легендарниот српски фудбалер Синиша Михајловиќ, кој почина во декември минатата година по долга борба со леукемијата, ќе биде преместен во Алејата на Великите во Рим.

Според одлуката на градоначалникот на Рим, Роберто Гуалтиери, Србинот ќе биде погребан на монументалните гробишта „Верано“ во вечниот град, како личност која дала голем допринос на Рим.

– На барање на семејствата на двајцата великани, Комисијата на Собранието на главниот град додели место за гробот и погребот. Вакво барање до градоначалникот Гуалтиери минатата недела испратија сопругата на Маурицио Костанца, познатата телевизиска ѕвезда, кој почина на 84-годишна возраст – Марија де Филипи и Аријана Рапачони – сопругата на Синиша Михајловиќ, поранешниот играч на „Лацио“. Комисијата одлучи двајцата великани, како заслужни граѓани на Рим, да добијат такво место, останувајќи во колективната меморија на Римјаните и Италијанците – стои во образложението.

Михајловиќ кариерата ја започна во родното Борово, а потоа дојде во Италија преку Војводина и Црвена звезда, со која во 1991 година стана европски и светски шампион.

Во Серија А играше вкупно 14 сезони, одигра 470 натпревари и постигна 76 голови. Како тренер работеше во Болоња, Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино.