Симовски: Докажавме дека имаме ракометарки кои вредат

– Македонскиот ракометен шампион ЖРК Ѓорче Петров избори пласман во четвртфиналето на Европскиот куп на ЕХФ. „Лавиците“ со вкупен резултат 65:63 во осминафиналето го елиминираа чешкиот тим Хазена Кинжварт. Задоволство од постигнатиот резултат на денешната прес-конференција искажа тренерот Симе Симовски.

– Овој успех многу ни значи. Покажавме дека имаме ракометарки кои вредат. Направивме чекор плус и влеговме помеѓу осум најдобри во овој куп. За нас пласманот во четвртфиналето многу значи и не само за нас туку е од голема важност и за македонскиот женски ракомет. Среќен сум што се наоѓам во одбрано друштво со моите избранички кои покажаа дека со максимално залагање, може да се дојде до целта. Тие на теренот не се штедат и достојно ја презентираат државата и клубот. Ако продолжат вака верувам дека и во иднина ќе имаат успеси. 

Од името на управата на клубот, успехот на девојките им го честиташе Ангела Цветановска.

– Четвртфинале во Европскиот куп на ЕХФ е голем резултат, но зошто да не се надеваме дека со малку среќа можеме и до полуфинале. Нашите амбиции не застануваат тука. Сакаме следните сезони да играме и во повисоките натпреварувања па и во Лигата на шампионите, истакна Цветановска.

Противник на ЖРК Ѓорче Петров во четвртфиналето ќе биде одреден утре со ждрепка. Можни ривали на ѓорчепетровки се: Гранољерс, Елче и Гран Канарија од Шпанија, Михаловце од Словачка, Венло од Холандија, Бенфика од Португалија и Јаликаваспор од Турција.

Четвртфиналните пресметки се закажани за 9/10 и на 16/17 март.