Сијарто во Сараево: Унгарија е за забрзан влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ

 Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска во Сараево повтори дека неговата земја се залага за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Тој рече дека Унгарија ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ од 1 јули и оти една од нејзините главни цели ќе биде забрзување на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, оценувајќи дека тоа ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот.

– Сите што го забавуваат процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ, одат и против земјите од овој регион, како и против ЕУ. Има земји членки во ЕУ кои јавно се залагаат за проширување, а кога се среќаваме во затворен круг тие велат нешто сосема друго, изјави Сијарто по средбата со министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ.

Според него, без разлика на намерите на поединечни земји-членки на ЕУ, Унгарија е решена конечно да ги почне преговорите со Босна и Херцеговина, како и да ја одржи првата меѓувладина конференција на која официјално би се преговарало за влез во ЕУ.

Сијарто изјави дека Унгарија веќе има можност да придонесе за безбедноста на Босна и Херцеговина, бидејќи неодамна за командант на ЕУФОР беше назначен Унгарец, а во мисијата во Босна и Херцеговина ќе бидат ангажирани околу 300 унгарски војници.

Сијарто и Конаковиќ денеска го потпишаа Акциониот план за приоритетна поддршка на унгарското Министерство за надворешни работи и трговија за Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина на патот кон интеграцијата во ЕУ.

Конаковиќ изјави дека Унгарија го поддржува европскиот пат на БиХ и оти потпишувањето на Акциониот план е формална поддршка за БиХ во процесот на отворање на преговорите со ЕУ и поминување низ сите технички, сложени процедури.

– Унгарија понуди, ние ја прифативме таквата помош за да ги поминеме сите тешки преговори што не чекаат, се надевам, од март, рече Конаковиќ на прес-конференцијата.

Претходно денеска во Бања Лука шефот на унгарската дипломатија се сретна со претставници на Република Српска, и со претседателот на ентитетот Милорад Додик.