Сопругата на Ел Чапо излегува од затвор! Мисицата на 18 години се омажи за нарко босот кој издржува доживотна затворска казна: Го молеше судијата за милост (фото)

Ема Коронел, сопругата на мексиканскиот наркобос Хоакин Ел Чапо Гузман, кој издржува доживотна казна затвор во Америка, денеска излезе од затвор во Лос Анџелес.

Гардијан пренесува дека ова го соопшти американското Федерално биро за затвори.

34-годишната Ема, која е родена во САД, се вели дека е осудена на три години затвор по нејзиното апсење во 2021 година, откако се изјасни за виновна за три обвиненија.

Тие се поврзани со помагање на нарко картелот Синалоа на Ел Чапо, вклучително и заговор за перење пари, дистрибуција на нелегални дроги и учество во финансиските работи на оваа криминална организација.

Се соопштува дека таа признала дека се однесувала како курир, пренесувајќи пораки меѓу нејзиниот сопруг и членовите на неговиот нарко картел додека тој одлежувал казна во мексиканскиот затвор Алтиплано по неговото апсење во 2014 година.

За време на изрекувањето на пресудата, судијата изјави дека Коронел брзо ја признала вината и се договорила со американските власти да им плати околу 1,5 милиони долари што ги заработила од криминални активности.

Нејзината тригодишна затворска казна подоцна беше намалена, а американскиот ABC News објави дека сопругата на Ел Чапо го молела судијата за милост, ветувајќи им дека ќе ги научи нејзините ќерки да разликуваат добро од погрешно.

– Ве молам, не дозволувајте да растат без мајка – му рекла Коронел на судијата за време на изрекувањето на пресудата.

Бирото за затвори на својата веб-страница објави дека оттогаш е префрлена од затвор во полуотворена институција во Лос Анџелес, од каде што денеска ја ослободија.

Нејзиниот сопруг беше екстрадиран во САД од мексиканските власти во 2017 година, откако Ел Чапо двапати избега од затворот со максимална безбедност во Мексико, а во едно од тие бегства ископа тунел долг околу 1,6 километри од својата ќелија.

Коронел има две ќерки со Ел Чапо, кој го запознала кога била тинејџерка, а се омажила за него во 2007 година кога наполнила 18 години.