Сопственците да си ги дислоцираат кајчињата од брегот на Охридското Езеро, утре е последниот ден од дадениот рок
Во пресрет на главната летна туристичка сезона Општина Охрид упати јавен повик до сопствениците на пловни објекти (кајчиња) истите да ги отстранат од крајбрежниот појас на езерото на потегот кај Сараиште во Стариот дел на градот и долж крајбрежјето на туристичката населба Пештани.
Според локалните власти, утре истекува рокот даден на сопствениците самите да ги отстранат пловните објекти поставени на јавните површини.
Во спротивно, в сабота екипи на општинските јавни претпријатија ќе започнат акција за нивно отстранување, а трошоците за тоа ќе паднат на товар на сопствениците.
Во повикот се нагласува дека пловните објекти треба да се отстранат поради тековно одржување и чистење на крајбрежјето, со цел непречено користење од страна на жителите и туристите.